Selen Temizer
15 Февруари 2022•Ажурирај: 16 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по изјавата на Русија дека дел од нејзините војници се вратиле, рече дека не забележале знаци за намалување на силите на украинските граници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на НАТО, што ќе започне утре и ќе трае два дена, даде изјава за медиумите.
Тој потсети на изјавата на руското Министерство за одбрана дека некои воени единици што ги завршиле своите мисии во рамките на вежбите почнале да се враќаат во своите бази, и рече: „Досега не сме забележале никакво враќање назад на теренот. Не видовме какви било знаци за намалување на рускиот воен персонал на украинските граници.“
„Но, ние ќе продолжиме да го следиме и внимателно го следиме она што Русија го прави и знаците што ги праќа Москва и нивната подготвеност да продолжат со дипломатските напори, што дава умерен оптимизам“, додаде тој.
Столтенберг нагласи дека од пролетта минатата година има сили на теренот и дека овој потег не претставува „вистинско намалување на тензиите“.
Тој истакна дека Русија и да ги повлече своите трупи, ја остава опремата и може многу брзо да се врати.
„Она што треба да го видиме е значително повлекување на војниците, без да се остави тешка воена опрема зад себе“, подвлече Столтенберг.