Sorwar Alam
13 Март 2017•Ажурирај: 13 Март 2017
АНКАРА (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денес повика Турција и Холандија да покажат заемна почит со цел да се намали растечката тензија меѓу двата сојузника откако холандската Влада забрани турски министер да влезе во Турскиот конзулат во Ротердам, јавува Anadolu Agency (AA).
„Би ги советувал сите сојузници да покажат заемна почит, да бидат смирени и да имаат внимателен пристап“, изјави Столтенберг за новинарите, во седиштето на НАТО во Брисел.
Тој ги повика двете членки на алијансата (Турција и Холандија) да се фокусираат на сѐ што ги обединува, наместо да ги зголемуваат тензиите.
„Робустната дебата е во сржта на нашата демократија, но истовремено е важна и заемната почит“, изјави Столтенберг и додаде дека во текот на изминатиот викенд дискутирал со двете влади во врска со ова прашање.
Столтенберг ги изнесе овие забелешки откако холандските власти во саботата ги спречија министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејство и социјална политика, Фатма Бетул Сајан Каја, во нивната посета на дипломатските претставништва на Турција во Холандија.
Кога турските граѓани во Ротердам мирно протестираа во врска со овој настан, тие беа пресретнати од полицијата, која интервенираше со палки, полициски песови и со водени топови.
Претходно, во текот на денешниот ден, Анкара испрати протестни ноти до Холандија, во знак на протест за неодамнешните инциденти.