Ekipa
16 Јануари 2023•Ажурирај: 19 Јануари 2023
РИМ (АА) - Најбараниот шеф на италијанската мафија Матео Месина Денаро е уапсен утринава на Сицилија по околу три децении во бегство, соопшти италијанската полиција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Денаро (60) бил приведен на приватна клиника во сицилијанскиот град Палермо, објавија италијанските медиуми, додавајќи дека тој бил уапсен непосредно пред 9:00 часот по Гринич и одведен на тајна локација од карабинерите.
Денаро, кој се смета за еден од најмоќните шефови на сицилијанската мафија Коза Ностра, беше осуден во отсуство на доживотен затвор за неколку убиства, вклучувајќи ја и неговата улога во убиствата на обвинителите Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година кои се бореа против мафијата.
Тој, исто така, се соочува со доживотна казна затвор за неговата улога во бомбашките напади во Фиренца, Рим и Милано, во кои загинаа 10 луѓе во 1993 година.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го нарече апсењето „голема победа за државата што покажува дека никогаш не се откажува пред мафијата“.
Денаро, последниот „кум“ на Коза Ностра, беше во бегство од 1993 година, но обвинителите против мафијата веруваа дека тој сè уште издава наредби од различни тајни локации.