Dilara Karataş
16 Јануари 2023•Ажурирај: 17 Јануари 2023
ПОХАРА (АА) - Пронајдена е црната кутија на патничкиот авион што вчера се урна во непалскиот регион Похара, јавува Агенција Анадолија (АА).
Екипите за пребарување и спасување ја пронајдоа црната кутија и аудиоснимките од пилотската кабина на патничкиот авион „ATР 72“ на „Јети ерлајнс“.
Официјални лица изјавија дека црната кутија ѝ е предадена на непалската војска, а потоа ќе биде предадена на истражен тим во главниот град Катманду.
Познат е идентитетот на 35 лица кои загинаа во авионската несреќа на авионот во кој имаше 68 патници и четворица членови на екипажот. Во тек се операциите за наоѓање и спасување на четири лица кои се водат за исчезнати.
Сè уште не е утврдена причината за трагедијата, која е евидентирана како „најсмртоносната несреќа во земјата во последните 30 години“.
Според податоците на Фондацијата за воздухопловна безбедност, во Непал од 1946 година се случиле 42 фатални авионски несреќи.
Патничкиот авион „ATР 72“ на „Јети ерлајнс“, што полета од главниот град Катманду кон Похара, се урна вчера во близина на долината на реката Сети.
На снимките објавени од државната телевизија се гледа како пламен и чад излегуваат од авионот што се урна во стрмна област во подножјето на Хималаите.
Тек Бахадур К.Ц., еден од административните службеници во регионот Каски, изјави дека во авионот што се урна во близина на реката Сети, на 1,6 километри од Меѓународниот аеродром „Похара“, се пронајдени телата на 68 лица.
Агенцијата за цивилно воздухопловство на Непал соопшти дека меѓу странските државјани во авионот имало пет Индијци, четворица Руси и двајца Јужнокорејци, како и државјани на Ирска, Австралија, Аргентина и Франција.
Според податоците на онлајн порталот за следење на воздушниот сообраќај „Flightradar24.com“, авионот „ATР 72“, стар 15 години, бил опремен со „предавател со неверодостојни податоци“.
Премиерот Пушпа Камал Дахал прогласи национална жалост низ целата земја.