Burç Eruygur
02 Февруари 2025•Ажурирај: 03 Февруари 2025
КИЕВ (АА) - Украинските власти денес објавија дека најмалку 14 лица загинале во руски ракетен напад врз градот Полтава, јавува Анадолу.
„Во нападот загинаа 14, меѓу кои има и две деца. Едно лице почина во болница“, соопшти регионалната воена управа на Полтава во објава на пратформата Телеграм.
Во објавата се наведува дека 17 лица се повредени, меѓу кои и четири деца, а 22 лица се спасени од подрачјето на ударот.
Регионалната воена управа на Полтава соопшти дека продолжуваат операциите за пребарување и спасување на местото на саботниот напад.
Во нападот се оштетени 18 станбени згради и неутврден број на градинки во Полтава. Во регионот е прогласена тридневна национална жалост до 4 февруари.
Во саботата, украинските воздухопловни сили на платформата Телеграм објавија дека Русија лансирала повеќе од 40 проектили кон Украина, притоа не прецизирајќи колку од нив се соборени.
Истиот ден, украинскиот претседател Владимир Зеленски ја повтори потребата од континуирана поддршка за Киев.
„Секој систем за противвоздушна одбрана, секој проектил пресретнувач значи спасен живот. Од клучно значење е нашите партнери да преземат акција, да ги исполнат нашите договори и да го зголемат притисокот врз Русија“, објави Зеленски на социјалната мрежа Х.
Руското Министерство за одбрана тврди дека во текот на ноќта успешно извршило напад врз гасно-енергетските инфраструктурни објекти кои го поддржуваат украинскиот воено-индустриски комплекс.