Ebad Ahmed,Burak Bir
22 Декември 2023•Ажурирај: 23 Декември 2023
ПРАГА/ЛОНДОН (АА) - Најмалку 15 лица загинаа, а 24 се повредени во пукањето на Универзитетот во Прага, главниот град на Чешката Република, јавува Анадолу.
Началникот на полицијата, Мартин Вондрашек, изјави дека напаѓачот бил 24-годишен студент на Факултетот за уметности на Универзитетот Чарлс.
„Напаѓачот живеел во село, 21 километар надвор од Прага, а неговиот татко бил пронајден мртов вчера“, рече Вондрашек.
Повикувајќи се на првичните сознанија, началникот на полицијата рече дека осомничениот бил инспириран од слични инциденти што се случиле во странство и дека не бил поврзан со некоја терористичка организација.
„Безживотното тело на напаѓачот е пронајдено на Факултетот за уметности на Универзитетот“, рече Вондрашек, додавајќи дека тој се самоубил по размена на оган со полицијата.
„Не почнавме да ги идентификуваме лицата што се застрелани бидејќи прво мора областа да биде обезбедена“, рече тој.
Според полицијата, не постојат индиции дека напаѓачот имал соучесници, додавајќи дека меѓу жртвите има и странски државјанин.
Чешкиот претседател Петр Павел рече дека е во шок поради пукањето и им изрази сочувство на семејствата на жртвите.
„Би сакал да изразам длабоко жалење и искрено сочувство до семејствата и роднините на жртвите во нападот. Сакам да им се заблагодарам на граѓаните што ги почитуваа упатствата на безбедносните сили и обезбедија максимална соработка“, напиша тој на Х.
- Сомнение дека напаѓачот бил поврзан со две убиства минатата недела -
На прес-конференцијата со министерот за внатрешни работи, Вит Ракуса, и полицијата, официјалните претставници рекоа дека органите на редот се сомневаат дека постои поврзаност меѓу напаѓачот и смртта на две лица минатата недела во шумата Клановички во близина на Прага.
Официјалните лица велат дека напаѓачот немал криминално минато и дека случајно ги избирал жртвите.
Ракуса рече дека во зградата на Универзитетот биле пронајдени повеќе парчиња оружје.
На видеоснимките што се шират на социјалните мрежи се слушаат истрели и се гледаат голем број полициски припадници.
Туркије изрази жалење поради пукањето на Универзитет во чешкиот главен град.
„Длабоко жалиме поради загубата на животи во трагичните настани во Прага“, истакна портпаролот на Министерството за надворешни работи, Онџу Кечели, на социјалната мрежа X.
„Изразуваме сочувство до семејствата на жртвите, како и до народот на Чешка и посакуваме брзо закрепнување на повредените“, рече тој.