Davit Kachkachishvili
09 Март 2023•Ажурирај: 10 Март 2023
КИЕВ/ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку пет лица загинаа утринава за време на обновените руски напади низ различни градови во Украина, пренесува Анадолу.
„Досега се пријавени четири жртви. Станува збор за четворица возрасни. Двајца мажи и две жени. Тие биле дома кога паднала ракетата. Остатоците сè уште се расчистуваат. Можно е да има други луѓе заробени под урнатините“, соопшти на Телеграм, гувернерот на Лавов, Максим Козицки.
Наведувајќи дека воздушната тревога во регионот траела четири часа, Козицки рече дека со ракети биле уништени три станбени згради и три автомобили.
Гувернерот на Днепропетровск, Серхи Лисак, на Телеграм изјави дека едно лице во регионот загинало за време на ракетен напад во областите Днепар, Павлорад, Криворицки и Никопол.
„Оштетена е енергетската инфраструктура и индустриските претпријатија. Има сериозно уништување. Службите за итни случаи работат на теренот“, рече понатаму Лисак.

Проектили го погодија и главниот град Киев, како и Харков, лоциран блиску до руската граница, и црноморскиот град Одеса.
Гувернерот на Одеса, Максим Марченко, рече дека масовен ракетен напад погодил енергетски објект, предизвикувајќи прекин на електричната енергија.
„Како резултат на масовен ракетен напад, погодена е локација на енергетската инфраструктура во регионот, како и резиденции“, рече Марченко на Телеграм, додавајќи дека нема жртви.
Исто така, украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко објави дека последниот далновод што ја хранел нуклеарната централа Запорожје бил оштетен за време на нападите во регионот, истакнувајќи дека станицата моментално работи на дизел-генератори.

Украинската национална компанија за нуклеарна енергија Енергоатом, исто така, на Телеграм објави дека централата моментално е во режим на исклучување по шести пат од почетокот на војната, со само 10 дена залихи на гориво за работа на генераторите.
„Одбројувањето започна. Доколку не може да се врати напојувањето на централата надвор од локацијата во таа временска рамка, може да се случи несреќа што ќе има последици од радијација за целиот свет“, се додава во соопштението.
Во војната меѓу Русија и Украина, што влезе во својата втора година, досега загинаа 8.173 цивили, а 13.620 се повредени, покажуваат најновите податоци на ОН.