Hassan Isilow
31 Август 2023•Ажурирај: 01 Септември 2023
ЈОХАНЕСБУРГ (АА)
Бројот на загинати во пожарот во петкатната станбена зграда во јужноафриканскиот град Јоханесбург се искачи на 73, потврдија службите за итни случаи, јавува Анадолу.
„Видов луѓе како врескаат и скокаат од зградата со дел од нивните лични работи. Беше ужасно“, изјави за Анадолу очевидец кој се затекнал на улицата во моментот на пожарот.
Портпаролот на Службата за управување со вонредни состојби во Јоханесбург, Роберт Мулауџи, за новинарите изјави дека добиле пријава за пожарот околу 1:30 часот по локално време.
„Во овој момент не знаеме што го предизвикало пожарот. Бидејќи се работи за напуштена зграда, можно е да се работи за нелегален приклучок на струја или грејно тело“, рече тој на местото на настанот, каде што службите за итни случаи ги извлекуваа телата.
Мулауџи соопшти дека зградата всушност е „неформална населба“ во која бездомниците се вселиле барајќи сместување без каков било формален договор за најмување.
Колин Махубела, претседателката на Градскиот совет на Јоханесбург, пред новинарите рече дека се тажни поради она што се случи, и дека луѓето не треба да живеат во нелегални објекти бидејќи се небезбедни.
Посочи дека секогаш кога сакале да ги иселат луѓето од небезбедните згради, наидувале на конфронтации од различни групи за граѓански права.
Според јавувањата на медиумите, зградата била напуштена и таму живееле луѓе нелегално. Се смета дека во моментот на пожарот во зградата имало над 100 луѓе. Досега повеќе од 50 лица се евакуирани и укажана им е помош за повредите.
Во центарот на Јоханесбург постојат неколку напуштени стари згради кои се незаконски населени.