Ekipa
22 Јануари 2020•Ажурирај: 22 Јануари 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека со францускиот претседател Емануел Макрон се договориле да се започне со стратешки дијалог меѓу двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Само што завршив многу интересен и плоден состанок со мојот пријател, францускиот претседател Емануел Макрон“, изјави Нетанјаху во телевизиската изјава. „Оваа средба опфати многу регионални теми, вклучувајќи ги Иран, Ирак, Сирија, Либан, Турција и Либија.“
„Се согласивме да воспоставиме стратешки дијалог помеѓу Израел и Франција кој ќе ја продолжи соработката меѓу двете земји во врска со нашите заеднички интереси. Ова е многу важен развој во надворешната политика на Израел што може да ни помогне во постигнувањето многу важни работи за државната безбедност“, рече тој.
Кабинетот на израелскиот премиер преку соопштение информира дека Нетанјаху го повикал Макрон да изврши „притисок и санкции врз Иран по чекорите што ги презема Техеран во полето на нуклеарната програма и неговите агресивни активности во регионот“.
„Премиерот Нетанјаху разговараше со претседателот Макрон за ситуацијата во Либан, како и за проектот на Хезболах за производство на прецизни ракети, а разговарано е и за случувањата во Либија“, се додава во соопштението.
Во него се нагласува дека Нетанјаху и Макрон донеле одлука за започнување стратешки дијалог помеѓу двете земји, со цел зголемување на меѓусебната соработка и за постигнување на нивните цели во однос на регионалните прашања.
Нетанјаху го поздрави барањето на францускиот претседател за приклучување на Источномедитеранскиот форум за гас, кој се основа неодамна во Каиро.
Макрон допатува во Израел за да присуствува на 5. Светски форум за холокаустот, закажан за утре во Западен Ерусалим.