Mustafa Deveci
28 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе отпатува од Вашингтон во Русија поради барањето поддршка за блискоисточниот Мировен план, наречен „Договор на векот“, кој се однесува на ставање крај на палестинско-израелскиот судир, а кој, како што најави вчера, денеска ќе биде откриен од американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Агенција Анадолија (АА).
Израелските медиуми, повикувајќи се на еден официјален претставник, наведоа дека Нетанјаху, по посетата на Вашингтон, утре ќе отпатува во Москва за да се состане со рускиот претседател Владимир Путин.
Официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен, изјави дека Нетанјаху ќе го информира Путин за Мировнот план на Трамп.
Израелските медиуми наведуваат дека тема на разговорот ќе биде и ослободување на Израелката Нааме Исахар која служи затворска казна во Русија под обвинение за поседување дрога.
Исахар е уапсена во април минатата година на аеродромот во Москва, на пат од Индија во Израел.
Руските власти соопштија дека во нејзиниот багаж биле пронајдени повеќе од девет грама хашиш. Осудена е на седум и пол години затвор.
„Договорот на векот“ на Трамп за решавање на блискоисточната криза досега не е претставен јавно, иако некои медиуми објавија дека содржи голем број одредби кои се штетни за Палестинците, вклучително и зачувувањето на нелегалните еврејски населби на Западниот Брег и целосното предавање на Ерусалим под контрола на Израел. Истите извори тврдат дека планот воопшто не го третира правото на враќање на протераните речиси 6 милиони Палестинци.