Berk Kutay Gökmen
28 Јули 2026•Ажурирано: 28 Јули 2026
Аудиоснимките објавени вчера се чини дека ја потврдуваат процената на поранешниот специјален советник Роберт Хур од 2024 година, според која поранешниот претседател Џо Бајден се соочувал со проблеми со меморијата, пренесува Анадолу.
Снимките, кои ги објави конзервативниот проект „Оверсајт“, го прикажуваат Бајден како со својот биограф Марк Луис Звоницер разговара за белешки од времето кога бил потпретседател, при што се повикува на наводно класифицирани прашања за надворешната политика, објави „Си-ен-ен“.
„Тие дури и не знаеа дека го имам ова“, рече Бајден, очигледно покажувајќи ги своите стари белешки на биографот како референтни точки во нивната дискусија за наводно класифицирани надворешнополитички прашања од времето кога бил потпретседател. Информациите во аудиоклиповите сè уште се сокриени.
Снимките беа објавени откако проектот „Оверсајт“, дел од фондацијата „Херитиџ“, го тужеше Министерството за правда. И покрај тоа што се спротивставуваше на нивното обелоденување, Бајден вчера ја повлече својата тужба.
Портпаролот на Бајден одби да ги коментира снимките, повикувајќи се на претходната изјава на поранешниот заменик-секретар за печат на Белата куќа, Ти Џеј Дакло:
„Разговорите на претседателот Бајден за книга од пред една деценија, во кои се зборуваше за неговиот починат син, се приватни и беа доставени до Министерството за правда под експресен услов да останат такви. Вршењето пресврт и нивното јавно објавување е само најновиот пример за тоа како оваа администрација го користи Министерството за правда како оружје за политичка одмазда.“
Снимките вклучуваат неколку моменти каде што Бајден се мачи да се сети на датуми и детали, што е во согласност со описот на Хур за него како постар маж „со лоша меморија“.
Хур на крајот одлучи да не го гони, наведувајќи ја соработката на Бајден, недостатокот на докази за намерно прекршување на законот и како неговите проблеми со меморијата би можеле да влијаат врз поротата.
Од проектот „Оверсајт“ изјавија дека се бореле „со нокти и заби овие снимки да излезат на виделина“.
„Овие сники што ги објавуваме денес требаше да излезат одамна“, се додава во соопштението.
Во еден клип, Бајден вели дека неодамна открил класифицирани документи пред да разговара за неговото противење од 2009 година за испраќање повеќе трупи во Авганистан.
„Значи, ова беше – јас, на почетокот, во 2009 година – штотуку ги најдов сите класифицирани работи долу. Му напишав на претседателот ракописен меморандум од 40 страници во кој аргументирам против распоредувањето дополнителни трупи во Ирак – мислам, во Авганистан, со образложение дека тоа нема да биде важно и дека денот кога ќе си заминеме, ќе биде како денот пред да пристигнеме“, рече Бајден.
Во друга снимка, тој накратко се повикува на класифициран материјал без понатамошно објаснување.
„И тогаш — и тогаш следното што го имам овде е — ова е класифицирано“, рече Бајден.