Hakan Çopur
26 Септември 2020•Ажурирај: 27 Септември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Властите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) официјално испратиле барање до Соединетите Американски Држави (САД) за купување на американските воени авиони Ф-35, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Повикувајќи се на изјавата на неименуван американски официјален претставник, медиумската куќа „Блумберг“ јави дека Емиратите го испратиле барањето за купување на американските воени авиони една недела по потпишувањето на договорот за нормализирање на односите со Израел.
Истиот извор јавува дека Пентагон и Стејт департментот не го објавиле барањето, а дека официјален Вашингтон има обврска да ја разгледа потенцијалната продажба на оружје на начин да не се загрози воената доминација на Израел во регионот.
Претходно, американскиот претседател, Доналд Трамп, и неговиот главен советник Џаред Кушнер во изјавите даваа зелено светло за продажбата на воени авиони на Емиратите, но Израел се противи на ваквиот потег.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин со посредство на САД неодамна во Белата куќа потпишаа договори за нормализација на односите со Израел, а аналитичарите тврдат дека прашањето за продажба на американските авиони на Емиратите може да биде еден од најголемите предизвици за имплементирање на тој договор.