Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu
11 Јули 2021•Ажурирај: 12 Јули 2021
Националната коалиција на опозициските и револуционерни сили на Сирија (СМДК) објави документи именувани како „Викторија 300“, кои откриваат дека Асадовиот режим во Сирија во периодот од 2012 до 2014 година убил 5.210 цивили во Воената болница „Абдулкадир Шукфе“ во Хомс, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на СМДК, Насир Харири, на прес-конференција во Истанбул ги сподели овие документи кои откриваат дека силите на Асадовиот режим убиле 5.210 цивили во наведениот период.
Според него, на сите овие документи се наоѓаат печатите и потписите на лекарите вработени во Институтот за судска медицина на Воената болница „Абдулкадир Шукфе“ при Асадовиот режим, и на тогашниот гувернер на Хомс.
Харири нагласи дека меѓу убиените лица се наоѓаат и деца, и додаде дека жртвите биле закопани во масовната гробница во Тел ал-Наср во Хомс.
Тој истакна дека ќе се водат заеднички активности со САД, Европската Унија (ЕУ), Велика Британија, Обединетите Нации (ОН) и со меѓународните организации за човекови права, со цел да се бара одговорност од сторителите на овој масакр.
Како што рече тој, овој масакр е само еден од систематските масакри што Асадовиот режим ги извршил само во една болница.
Харири нагласи дека уште поголеми се димензиите на систематските масакри, кои, според него, Асадовиот режим ги извршил во 10 години.
Инаку, Воената болница „Абдулкадир Шукфе“ се наоѓа во населбата Ал Ваер во западниот дел на центарот на градот Хомс.
Оваа болница исто така се користи како центар за притвор и тортура на демонстрантите кои се приведени за време на протести.