Esat Fırat
25 Мај 2018•Ажурирај: 26 Мај 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Околу 200.000 Палестинци ја извршија петочната молитва (џума-намаз) во комплексот на „Ал Акса“ во Ерусалим (Кудс), јавува Anadolu Agency (AA).
Источен Ерусалим е градот во кој се наоѓа џамијата „Ал-Акса“, која беше првата кибла, правецот кон кој се насочуваат муслиманите при молитвата.
Покрај тоа, во овој град се наоѓаат и најзначајните свети места на христијаните и евреите.
И покрај сите потешкотии поради обидот на Израел да ги спречи Палестинците да доаѓаат во „Ал Акса“, тие од утринските часови преминуваа преку воената точка меѓу Западниот Брег и Ерусалим, со цел да ја извршат петочната молитва во џамијата.
Израелската полиција го блокираше сообраќајот на улиците во близина на Стариот Град во Источен Ерусалим (Кудс). Освен автобусите, никој не можеше да помине низ улиците.
По неколкучасовното патување Палестинците пристигнаа во „Ал Акса“, која денес, во вториот петок од месецот Рамазан, беше исполнета со верници.
Според податоците од Канцеларијата на исламските вакуфи на Ерусалим, петочната молитва ја извршиле околу 200.000 Палестинци.
На подрачјето во околината на „Ал Акса“, во состојба на готовност беа стотици израелски полицајци.
Израелските власти од 2000 година започнаа со изградба на ѕид на поделба на границата помеѓу Источен Ерусалим (Кудс) и на Западниот Брег, а тој проект го оправдуваа со безбедносната потреба да се спречат евентуални напади врз израелските населби.