Mücahit Oktay
07 Февруари 2024•Ажурирај: 08 Февруари 2024
ЊУЈОРК (АА) - Помошничката на генералниот секретар на ОН за политика и изградба на мирот, Розмари ди Карло, изјави дека од првиот ден на украинско-руската војна досега загинале 10.382 лица, a 19.659 се повредени, пренесува Анадолу.
Ди Карло на 3 февруари се обрати пред Советот за безбедност на ОН, што се состана на барање на московската администрација по нападот на градот Лисичанск, кој е под руска контрола во украинскиот регион Луганск, при што животот го загубија 28 лица.
Таа наведе дека руските напади се интензивирани во последните неколку недели во регионите под украинска контрола.
„Минатата недела дојде до значителен раст на насилствата, а повеќе од 570 населби, особено во регионот Запорожје, беа цел на напади. Најмалку 12 цивили загинаа, а 60 се повредени во нападите“, рече Ди Карло.
Таа наведе дека според податоците на Високиот комесаријат на ОН за човекови права (OHCHR), од почетокот на војната во февруари 2022 година досега, во Украина животот го загубиле 10.382 лица, вклучувајќи 579 деца, a 19.659 лица, од кои 1.285 деца, се повредени на различни начини.
Ди Карло истакна дека цивилните жртви во Украина, кои имале тенденција на пад во текот на 2023 година, од декември минатата година „почнале повторно значително да растат“.
„Морам уште еднаш да нагласам дека нападите врз цивилите и цивилната инфраструктура, каде и да се случат, го кршат меѓународното право. Тие се неприфатливи и мора веднаш да бидат запрени“, порача Ди Карло.
Таа потсети дека војната во Украина влегува во трета година за околу две недели.
Ди Карло додаде дека сѐ уште нема знаци дека „се ближи кон крајот“ оваа војна поради која милиони Украинци ја напуштиле својата земја.