Faruk Zorlu
06 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
САНА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека од октомври досега, во западниот дел на Јемен убиени или ранети се 139 цивили, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Канцеларијата за координација на хуманитарните работи на Обединетите нации соопшти дека во провинцијата Ходејда во октомври убиени или ранети се 74 цивили, а во ноември 49.
Исто така, ранети се шестмина работници, а десет се ранети на 3 декември во нападот изведен во Трговскиот центар во Ходејда. Не се објавени други информации за бројката на убиени и ранети, се наведува во извештајот на Канцеларијата за координација на хуманитарните работи на Обединетите нации.
Оваа институција соопшти дека судирите во Ходејда се интензивирани во последните месеци, наведувајќи дека спротивставените страни во Јемен би требало да престанат со нападите врз цивилите, со кои се крши меѓународното хуманитарно право.
Јемен е сцена на судири и насилство од 2014 година, кога бунтовничкото движење на Хусите ја презеде контролата во поголемиот дел на земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Конфликтот ескалираше една година подоцна кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници застанаа покрај Владата на Јемен и започнаа да изведуваат воздушни напади врз позициите на бунтовниците.
Се проценува дека во војната во Јемен животот го загубија повеќе од 100.000 лица, а Обединетите нации предупредуваат дека во земјата на сцена е најголемата хуманитарна криза во светот со милиони луѓе чии животи се загрозени поради гладот и недостатокот на основни услови за живот.