Ekipa
15 Август 2020•Ажурирај: 16 Август 2020
ТЕХРАН (АА) - Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) доцна синоќа ја отфрли резолуцијата претставена од Соединетите Американски Држави (САД) за продолжување на ембаргото за оружје за Иран на неодредено време, јавува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, кој побара од 15-члениот Совет да гласа за оваа резолуција, изјави дека неуспехот на групата да реагира одлучно е нешто непростливо.
„Тој [Советот] ја отфрли разумната резолуција за продолжување на 13-годишното ембарго за оружје за Иран и го отвори патот водечката држава во светот по спонзорирање на тероризмот да купува и продава конвенционално оружје без одредени ограничувања од ОН за првпат во повеќе од една деценија“, рече Помпео.
Тој истакна дека САД никогаш нема да ги напуштат своите пријатели во регионот кои имале поголеми очекувања од Советот за безбедност, мислејќи на Израел.
„Резултатот од гласањето во СБОН за ембаргото за оружје кон Иран уште еднаш ја покажува изолацијата на САД. САД мора да извлечат лекција од овој дебакл. Нивниот потег во однос на санкциите е нелегален и беше одбиен од меѓународната заедница, како што се виде денес“, напиша на Твитер иранскиот претставник во ОН, Тахт Раванчи, по гласањето. „Наметнување какви било санкции или ограничувања за Иран од страна на СБОН ќе биде сериозно пречекано од Иран, и нашите опции не се ограничени. САД и секој субјект кој помага или се согласува со нив во тоа незаконско однесување ќе ја сноси целата одговорност“.
Според изворите, резолуцијата наишла на силно спротивставување од Русија и Кина, две земји членки на Советот со право на вето, и блиски сојузници на Иран.
Силната произраелска лоби група во американскиот Конгрес (AIPAC) соопшти дека таквиот исход од гласањето наметнува закана за дополнително дестабилизирање на регионот и дека тоа е спротивно на безбедносните интереси на САД и нејзините сојузници.
САД претставија ревидирана резолуција во четвртокот пред Советот за безбедност на ОН, откако претходната Нацрт-резолуција не наиде на погодно тло кај членките, меѓу кои и земји сојузнички на САД.
Иранскиот претседател, Хасан Рохани, предупреди на можни последици доколку Советот ја прифати резолуцијата.
Иранските власти апелираа дека овој потег ги крши одредбите од Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA), познат и како Ирански нуклеарен договор, кој беше постигнат меѓу Иран и земјите П5 + 1 во 2015 година.
Рускиот претседател Владимир Путин предложи да се одржи онлајн-состанок на петте постојани членки на Советот за безбедност, заедно со Иран и Германија, за да се разговара за ембаргото за оружје со цел да се избегне евентуална конфронтација.