1 23
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
ТРИПОЛИ
Специјалнaта советничка на генералниот секретар на ОН за Либија, Стефани Вилијамс, изјави дека глобалното тело стои покрај либискиот народ со цел да се стави крај на преодниот период, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот со претставниците на конзорциумот на политичките партии, Стефани Вилијамс на Твитер напиша: „ОН ќе застанат покрај либискиот народ во неговото барање за изборен процес за ставање крај на долгиот преоден период.“
Според дипломатката на ОН, претставниците „побарале да не се узурпира волјата на 2,8 милиони Либијци кои се пријавиле да гласаат“.
„Јас, исто така, ја истакнав потребата од решителни напори за напредување кон национално помирување и транзициска правда“, изјави таа.
Претседателските избори во Либија требаше да се одржат на 24 декември според Мапата на патот на ОН, но Изборната комисија на земјата предложи одложување за еден месец, наведувајќи ја несоодветноста во изборното законодавство и жалбите поврзани со подобноста на кандидатите.
Претставничкиот дом, од своја страна, предложи одложување на гласањето за шест месеци.
Либиските ривалски партии се во несогласување околу распоредот за гласање за претседателските и парламентарните избори кои ќе се одржат истовремено или едни по други.
Во меѓувреме, огромното мнозинство Либијци се надеваат дека претстојните избори ќе придонесат за ставање крај на вооружениот конфликт што со години ја мачи земјата богата со нафта.