Gözde Bayar
15 Ноември 2019•Ажурирај: 16 Ноември 2019
РАС АЛ АЈН (АА) - Најмалку 224 војници на Сириската национална војска (СНВ) загинаа во нападите од страна на терористите на ЈПГ/ПКК од почетокот на антитерористичката операција на Турција во северниот дел на Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според командантите на Сириската национална војска (СНВ), за време на операцијата „Извор на мирот“ повредени се вкупно 692 нејзини војници, а еден војник е исчезнат.
Војниците на СНВ ги спречуваат нападите и прекршувањата од страна на терористите, особено во северните области Тел Абјад и Рас ал Ајн, неодамна ослободени од терористите на ЈПГ/ПКК.
Терористите на ЈПГ/ПКК продолжуваат со нападите, и покрај договорите на Турција со САД и Русија за повлекување на терористичката организација од североисточна Сирија.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турската граница и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Анкара и Москва постигнаа договор според кој терористите на ЈПГ/ПКК ќе се повлечат 30 километри јужно од турската граница со северна Сирија во рок од 150 часа, а безбедносните сили на Турција и Русија ќе вршат заеднички патроли во тоа подрачје.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.