Handan Kazancı
25 Февруари 2022•Ажурирај: 25 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Украинскиот претседател Владимир Зеленски рано денеска потпиша уредба за општа мобилизација на населението додека продолжуваат руските напади, јавува Агенција Анадолија (АА).
Општата мобилизација беше објавена „поради воената агресија на Руската Федерација против Украина со цел да се обезбеди одбрана на државата, одржување на борбена и мобилизациска готовност на Вооружените сили на Украина и други воени формации, врз основа на предлогот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина“, вели украинското Претседателство во соопштение.
Во него се детализира мобилизацијата на „територијата на Виниција, Волин, Днипропетровск, Доњецк, Житомир, Закарпатија, Запорижија, Ивано-Франкивск, Кировохрад, Луганск, Лавов, Миколаив, Одеса, Полтава, Ривна, Суми, Тернопил, Харков, Керсон, Хмелницки, Черкаси, Чернивци, Черниговски Региони и градот Киев“.
„Мобилизацијата ќе се изврши во рок од 90 дена почнувајќи од петок (25 февруари)“, се додава во соопштението.
„Регрутирањето регрути, резервисти и вклучување возила за потребите на Вооружените сили на Украина, Националната гарда на Украина, Службата за безбедност на Украина, државната гранична стража на Украина, Државната специјална транспортна служба, Државната служба за специјални комуникации и заштита на информации на Украина и другите воени формации на Украина ќе се спроведе до степенот определен во согласност со плановите за мобилизација“, се додава.
Според соопштението, украинскиот Кабинет „ќе обезбеди финансирање и во рамките на своите овластувања ќе преземе мерки поврзани со најавата и спроведувањето општа мобилизација“.
„Службата за безбедност на Украина ќе преземе контраразузнавачки мерки во текот на општата мобилизација“, се додава.
Доцна синоќа, министерот за здравство на Украина изјави дека најмалку 57 лица од украинскиот воен персонал и цивили загинале во руските напади во земјата.
‒ Кризата во Донбас и руската воена интервенција -
По настаните на плоштадот „Мајдан“ во Киев, Украина, во 2014 година, на власт дојде прозападна Влада, а тогашниот претседател Виктор Јанукович побегна од државата. Русија тогаш незаконски го анектира Крим. Сепаратистите прогласија таканаречена управа во регионите Доњецк и Луганск, каде што мнозинството од населението е со руско потекло. Потоа избувнаа крвави судири меѓу проруските сепаратистички сили и украинската војска.
Договорите во Минск беа потпишани во 2014 и 2015 година со посредство на западните сили. Меѓутоа, кршењето на примирјето продолжи. До февруари, во судирите загинаа околу 14.000 луѓе.
Русија го сврте вниманието на јавноста со тоа што кон крајот на 2021 година почна да распоредува десетици илјади војници на границата со Украина. Соединетите Американски Држави тврдеа дека Русија се подготвува за инвазија, но официјална Москва упорно негираше. Додека западните земји ѝ се закануваа на Русија со санкции, московската администрација ги призна сепаратистичките власти во Донбас и на 24 февруари започна воена операција на територијата на Украина.
Рускиот лидер Владимир Путин ја повика украинската армија да го остави оружјето, тврдејќи дека целта на Москва е „да ги заштити луѓето изложени на геноцид од Киев и да ја исчисти Украина од нацизмот и милитаризмот“.