Handan Kazancı
25 Февруари 2022•Ажурирај: 25 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ
Најмалку три лица беа повредени при ракетен напад на зграда во главниот град на Украина, Киев, објави на Твитер градоначалникот на градот рано денеска во услови на руската воена интервенција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Виталиј Кличко, повикувајќи се на прелиминарните извештаи, рече, исто така, дека едно лице е во критична состојба откако фрагмент од ракета ја погодил станбената зграда.
Споделувајќи фотографија од урнатата зграда, Кличко рече дека возилата за брза помош ги однеле повредените во болница, а службите за итна помош работеле на самото место.
Експлозии и сирени за воздушен напад беа слушнати низ градот, додека луѓето се засолнуваа во станиците на метрото.
Пркосејќи им на заканите за санкции од страна на Западот, Москва официјално ги призна Доњецк и Луганск кои се под контрола на сепаратистите како независни држави претходно оваа недела, по што во четвртокот започна воена операција во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека „специјалната воена операција“ има за цел да ги заштити луѓето „подложени на геноцид“ од Киев и да ја „демилитаризира и денацизира (ослободи од нацистичка идеологија)“ Украина. Тој ја повика украинската војска да го положи оружјето.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски воведе воена состојба веднаш по објавата.