Ekip
17 Октомври 2022•Ажурирај: 18 Октомври 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Осум осуденици загинаа во ноќните судири и пожарот во затворот Евин во Техеран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Медиумскиот центар на иранското правосудство објави дека четворица затвореници, кои биле во тешка состојба, починале во болница, додека уште шестмина се на лекување.
Во соопштението се наведува дека сите осум жртви отслужувале затворски казни за кривични дела поврзани со кражби и дека нивните семејства се известени за нивната смрт.
Во неделата вечерта иранското судството информираше дека загинале четворица затвореници, а 61 се повредени во ноќните судири и пожарот што настанал во затворот Евин.
Затворениците починале од „вдишување чад“ како последица на пожарот, се вели во соопштението.
Инцидентот се случил околу 21.10 часот по локално време во саботата. На видео снимките кои кружат на интернет можат да се забележат облаци од чад што се издигнуваат од затворот придружени со звук од експлозии и пукотници.
Државните медиуми јавуваат дека пожарот избувнал по тепачка меѓу затвореници. Стотици затвореници се задржани во Евин, каде што групите за човекови права пријавија повеќекратни злоупотреби на затвореници.
Затворот Евин е познат по тоа што има политички затвореници, како и лица кои се поврзани со Западот, кои Иран ги користи за меѓународни преговори.