Muhammet Nazım Taşcı
26 Октомври 2020•Ажурирај: 27 Октомври 2020
ИСЛАМАБАД
Пакистанскиот премиер, Имран Кан, реагираше до францускиот претседател, Емануел Макрон, кој ја охрабрува исламофобијата напаѓајќи го исламот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во објавата на социјалната мрежа Твитер, премиерот Кан истакна дека карактеристика на еден лидер е да ги зближува луѓето наместо да ги разделува и дека жално е што Макрон ја охрабрува исламофобијата напаѓајќи го исламот, наместо да ги напаѓа насилните терористи, без разлика дали се муслимани, бели расисти или пак, нацистички идеолози.
Кан посочи дека Макрон решил намерно да ги испровоцира муслиманите, вклучително и своите граѓани, поттикнувајќи го прикажувањето на навредливите карикатури кои се насочени кон божјиот пратеник Мухамед.
Нагласувајќи дека со напаѓањето на исламот францускиот претседател ги повредил чувствата на милиони муслимани низ Европа и светот, Кан додаде дека поголема поларизација е последното нешто што светот го посакува.
Кан, исто така, истакна дека јавните изјави „кои се засновани на незнаење“ ќе предизвикаат поголема омраза, исламофобија и екстремизам.
- „Муслиманските лидери треба да реагираат“
Сирак-ул-Хак, лидерот на пакистанската партија Џемаати Ислам, ги осуди изјавите на Макрон и истакна дека муслиманските лидери треба несомнено да реагираат на прикажувањето на карикатурите во зградите во Франција.
Хак наведе дека треба да се контактира со претседателите на муслиманските држави за да се разговара за ова прашање и итно на состанок да се повика Организацијата за исламска соработка (İİT).
Тој, исто така, рече дека прашањето треба да се донесе на дневен ред на глобалните форуми и дека Обединетите нации (ОН) треба да соопштат дека навредите против божјиот пратеник Мухамед ќе бидат казнети според меѓународното право.
Во градовите Монпелје и Тулуз, во знак на сеќавање на наставникот кој минатата недела беше обезглавен, во квартот Конфланс-Сен-Онорин во близина на Париз, на ѕидовите на официјалните згради беа поставени навредливите карикатури на божјиот пратеник Мухамед од францускиот магазин за хумор „Шарли Ебдо“.
Макрон во својата изјава рече дека нема да престанат да ги објавуваат карикатурите за Мухамед.