Ayşe Doğru
14 Август 2019•Ажурирај: 15 Август 2019
ЊУ ДЕЛХИ/МУЗАФАРАБАД/АНКАРА (АА) - Претседателот на Пакистан, Ариф Алви, критикувајќи ја одлуката на Индија за промена на специјалниот статус на Џаму и Кашмир рече дека муслиманите не сакаат војна, но дека нема да се повлечат доколку бидат приморани на тоа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Алви во својот говор, на церемонијата за Денот на независноста на Пакистан, истакна дека одлуката на Индија за промена на статусот на Џаму и Кашмир е спротивна на меѓународното право и дека Пакистан нема да ги остави граѓаните на Кашмир сами.
Алви рече дека ги следи ограничувањата на Индија во Џаму и Кашмир.
„Муслиманите не сакаат војна, но ако бидеме приморани на тоа, нема да се повлечеме“, нагласи Алви.
- Говор на Кан во законодавното Собрание на државата -
Премиерот на Пакистан, Имран Кан, посетувајќи го Азад Кашмир, кој е дел на Кашмир под пакистанска контрола, ја пренесе својата поддршка до народот на Џаму и Кашмир.
Во својата порака по повод независноста, Кан ја осуди одлуката на Владата на Њу Делхи и ја повтори својата поддршка за граѓаните на Кашмир.
Се очекува Кан да се обрати во законодавното Собрание, во главниот град на Азад Кашмир, Музафарабад.
- Индиските ограничувања во Џаму и Кашмир продолжуваат -
Ограничувањата на Индија во Џаму и Кашмир, каде што муслиманите се мнозинство, продолжуваат.
Во Сринагар, главниот град на Џаму и Кашмир, клањање намаз е дозволено само во малите џамии, додека забраната за собирање, и забраната за пристап до интернетот продолжуваат.
Во соопштението на индиското Министерство за внатрешни работи, преку социјалните медиуми, се истакнува дека во Џаму и Кашмир празниците поминале мирно.
- Њу Делхи бара да се блокираат одредени профили на Твитер во Кашмир -
Индиското Министерство за внатрешни работи бара да се блокираат осум профили на Твитер, кои припаѓаат на лидерите во регионот.
Од Твитер нема никаква изјава во врска со барањата, но четири профили на Твитер се суспендирани поради ширење лажни вести за Кашмир.
Пакистан вчера повика да се одржи итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации поради наметнатите ограничувања на Индија во Џаму и Кашмир, како и за одлуката за промена на специјалниот статус на Џаму и Кашмир.
- Индија го укина специјалниот статус на Џаму и Кашмир -
Индиските власти го укинаа специјалниот статус на спорниот регион Џаму и Кашмир. Министерот за внатрешни работи на Индија, Амит Шах, го прочита тогашниот предлог-закон за измени и надополнувања на законот, со кој се укинува членот 370 од индискиот Устав, кој го регулира статусот на споменатите региони.
Двете единици ќе имаат одвоени собранија со кои ќе раководи централната власт.
Членот 370 на тој регион му овозможуваше сопствен устав, одделно знаме и независност по сите прашања освен за надворешната политика, одбраната и комуникациите.
Пакистан и Индија во 1947 година за првпат влегоа во војна за Кашмир. Поради истата причина, двете земји повторно војуваа во 1965 и во 1999 година.
Индија контролира околу 45 % од Кашмир, Пакистан околу 35 %, а Кина 20 %. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е една од доминатно муслиманските покраини во Индија.
Пакистан на делот од Кашмир кој е под негова контрола му додели статус на две автономни територии наречени Азад Кашмир (Слободен Кашмир) и Гилгит-Балтистан.
Советот за безбедност на Обединетите нации со низа резолуции предвидува статусот на Кашмир да се реши со волјата на тамошното население и тој регион да се демилитаризира. Такво сценарио застапува и Пакистан, но не и Индија.
По укинувањето на специјалниот статус на Џаму и Кашмир од страна на Индија, Пакистан официјално ги прекина трговските односи со овие земји.