Barry Ellsworth
14 Август 2019•Ажурирај: 17 Август 2019
КАНАДА (АА) - Канадска компанија пронајде начин да ја претвори пластиката од депониите во дизел-гориво и бензин, јавува Anadolu Agency (AA).
Технологијата веќе се користи од „Sparta Group“, компанијата која стои зад пилот-проектот познат како „Феникс“, за напојување со гориво на флотата камиони на компанијата.
„Пет тони пластика може да се претворат во околу 4.000 литри гориво“, рече Џон О'Бирек, претседател на „Sparta Group“, којашто се наоѓа во градот Витби, во близина на Торонто.
„4.000 литри се доволни за целата наша флота од 10 камиони да возат дневно и до 16 часа“.
Камионите се користат за транспорт на индустриски отпад.
„Технологијата користи високи температури што предизвикуваат распаѓање на пластиката, процес познат како пиролиза. Пластиката се сече на мали парчиња и се става во херметички сад и се загрева без присуство на кислород, така што таа всушност не гори при распаѓањето“, вели О'Бирек. На овој процес се изложува пластиката којашто не може да се рециклира и која би завршила на депонија.
„Ако ја оставите пластиката, таа во земјата не може да се распадне илјада години“, рече О'Бирек.
„Во индустријата, ние би можеле да ја земеме, да ја претвориме пластиката во гориво, коешто ќе го искористиме за различни намени во фабриките“, рече тој.
„Со примена на оваа технологија, ја пренаменуваме пластиката така што имаме уште една шанса за нејзино искористување“.
Во канадската покраина Нова Шкотска, во друг проект се користи слична технологија за претворање на пластиката во гориво. „Sustain Technologies Inc.“ ќе искористи до 50.000 тони отпад од општината на годишно ниво.
Шила Мекгрори, службеник во Витби, е воодушевена што пилот-проектот се наоѓа токму во нејзиниот град.
„Проектот привлекуваат големо меѓународно внимание, луѓе од различни делови на светот доаѓаат да видат како работи фабриката“, рече таа. „Тоа е одлична технологија, многу битна за иднината на нашата планета.“
Кеит Брукс, програмски директор на застапничката организација „Environmental Defence“, рече дека овој процес сè уште користи пластика за создавање фосилни горива и дека постои подобро решение.
„Ние сметаме дека не треба да има пластика што не може да се рециклира“, рече тој.