Qais Omar Darwesh Omar
19 Август 2022•Ажурирај: 22 Август 2022
РАМАЛА (АА) - Палестинец почина од повреда што ја добил претходно од истрел од израелската војска на окупираниот Западен Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Граѓанинот Салах Тавфик Савафта (58) почина ова утро од критични повреди откако беше застрелан во глава од окупаторските сили во Тубас“, соопшти Министерството.
Претходно, Палестинската црвена полумесечина во соопштение истакна дека Савафта бил застрелан во глава за време на судирите кои започнаа со израелската војска во градот Тубас, во северниот дел на Западниот Брег.
Се наведува дека уште едно лице е рането од боева муниција во градот Тамун.
Очевидците за Агенција Анадолија (АА) рекоа дека израелската војска упаднала во градовите Тубас и Тамун и извршила операција за приведување на пет граѓани, што довело до судири со десетици Палестинци.
Израелските сили користеле боева муниција и метални куршуми обложени со гума, како и солзавец за да ги растераат Палестинците кои фрлале камења врз силите.
Обично, израелската војска ги напаѓа градовите на Западниот Брег за да апси Палестинци, а како резултат на тоа избувнуваат судири.