Zehra Nur Düz
05 Март 2021•Ажурирај: 05 Март 2021
БАГДАД (АА) - Папата Франциск ќе го посети Ирак во периодот од 5 до 8 март, што ќе претставува негова прва посета на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Папата ќе биде пречекан со официјална церемонија на Меѓународниот аеродром „Багдад“.
Тој ќе се состане со ирачкиот премиер Мустафа ал Кадими во салата на аеродромот, каде што се пречекуваат официјални претставници.
Подоцна Папата ќе биде пречекан од ирачкиот претседател Бархам Салих на официјална церемонија во Зелената зона во Багдад.
Се очекува папата Франциск да се состане со претставници на невладини организации и дипломати.
Тој ќе ја посети Катедралата „Сајдат ал Нејат“ во Багдад, каде што десетици луѓе беа убиени во терористичкиот напад во 2010 година.
Се очекува Папата да одржи говор таму и да се состане со католичките лидери.
На вториот ден од неговата посета, папата Франциск ќе патува во покраината Најаф, каде што ќе се состане со шиитскиот свештеник Али ал Систани. Состанокот ќе биде затворен за медиумите.
Папата Франциск исто така ќе го посети античкиот град Ур, кој лежи на периферијата на современиот град Насирија.
Ур е важен сумериски град држава во античка Месопотамија, за кој се верува дека е родно место на пратеникот Абрахам.
Таму, Папата ќе се обрати на светот со говор за меѓуверската толеранција.
Тој во Багдад ќе се врати вечерта за да одржи верска церемонија во Халдејската црква „Свети Јосиф“.
В недела папата Франциск ќе го посети Ербил, главниот град на Регионалната курдска управа во северен Ирак.
Духовниот водач на католичкиот свет ќе биде пречекан од претседателот на ирачката Курдска регионална влада, Неџирван Барзани, како и од некои верски и владини претставници на аеродромот во Ербил.
По неговиот состанок со Барзани на аеродромот, Папата ќе патува во Мосул со хеликоптер.
Подоцна, тој ќе го посети регионот Каркуш во Мосул, каде што живее голема христијанска популација и таму ќе одржи говор.
Ова ќе биде прва посета во странство на Папата по започнувањето на пандемијата на Ковид-19.