Barış Seçkin
29 Септември 2022•Ажурирај: 29 Септември 2022
ВАТИКАН (АА) ‒ Поглаварот на Римокатоличната црква, папата Франциск, на неодамнешното патување во Казахстан изјави дека е грешка судирот во Украина да се нарекува руско-украинска војна, бидејќи тоа е всушност светска војна, објави вчера Ватикан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во вестите што ги објавија медиумските куќи блиски до Ватикан, папата за време на посетата на Казахстан на 15 септември се сретнал со одделни свештеници езуити.
Како што се наведува во објавените вести, во текот на посетата, поглаварот на Римокатоличката црква и претседател на Ватикан дал изјава за езуитската публикација „Ла цивилта католика“ (La Civilta Cattolica), а во текот на средбите зборувал и за актуелната војна во Украина.
„Војната е во тек. Мислам дека е погрешно да се мисли за тоа како на каубојски филм во кој постојат добри и лоши ликови. Исто така е погрешно да се мисли дека ова е војна меѓу Русија и Украина. Не. Тоа е светска војна“, изјави папата.
Папата Франциск, исто така, напоменал дека посетата на Украина, која претходно ја најави како можна, во оваа фаза не била во план.
Папата Франциск истакнал дека за време на посетата на Казахстан му дошле некои украински гости. Еден од нив бил воен офицер одговорен за размена на заробениците меѓу Русија и Украина, што ја најави претседателот Владимир Зеленски. Офицерот го прашал папата дали може нешто да се стори во однос на тоа прашање, давајќи му листа од 300 заробеници. Папата подоцна рекол дека оваа проблематика директно му ја пренел на рускиот амбасадор.