Ata Ufuk Şeker
29 Септември 2022•Ажурирај: 30 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Европската Унија (ЕУ) подготви нови правила со кои ќе се зголемат одговорностите на компаниите кои развиваат софтвер и производи за вештачка интелигенција и ќе ги принудат да плаќаат отштета на оние кои на некој начин се оштетени од овие производи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Европската комисија ги објави прописите кои наметнуваат нови одговорности на производителите на современи технолошки производи како што се вештачка интелигенција, дронови и паметни апарати за домаќинство.
Производителите од областа на вештачката интелигенција, според новите прописи, ќе треба да ја надоместат штетата предизвикана од нивните производи.
Оние кои произведуваат роботи, дронови или системи за паметни домови, исто така, ќе бидат опфатени со прописите.
Потрошувачите кои претрпеле штета поради увезени и небезбедни производи ќе можат да бараат отштета од компанијата увозник или претставникот на производителот во ЕУ.
Досегашните прописи на ЕУ за одговорност за многу производи беа усвоени пред 40 години, но не ги покриваа многуте нови области кои се појавија со новите технологии.
Вештачката интелигенција е поле во кое се изучуваат хардверски и софтверски решенија кои треба да овозможат способности и однесувања слични на човекот (перцепција, реакција, однесување, расудување, заклучување и дејствување).