ЛОНДОН (АА) - ТАЈФУН САЛЏИ - Откако британскиот Парламент вчера го отфрли договорот кој премиерката Тереза Меј го постигна со ЕУ во врска со излезот од Унијата (Брегзит), атмосферата на хаос во оваа земја е сè повеќе присутна, пишува Anadolu Agency (AA).
На историското гласање кое беше одржано синоќа, за договорот за Брегзит гласаа 202, а против беа 432 британски пратеници.
Британските медиуми разликата од 230 гласови „против“ во британскиот Парламент ја оценија како „историски пораз“ на премиерката Меј. Од друга страна, опозициската Лабуристичка партија му понуди на Парламентот предлог за гласање доверба на Владата.
Гласањето за Брегзит е окарактеризирано како најголем пораз на Владата во британскиот Парламент во последните 94 години.

- Предвремени избори
Доколку Владата на премиерката Меј не ја добие потребната поддршка на гласањето доверба во Парламенот, таа паѓа. Во тој случај, започнува рок од 14 дена за формирање нова влада. Но, Меј во Парламентот нема потребно мнозинство за да формира малцинска влада како алтернатива. Во таква ситуација, во земјата се распишуваат предвремени избори, но не пред рокот од 25 дена.
Во случај да дојде до такво сценарио, на предвремените избори во Велика Британија може да се гледа и како на референдум за Брегзит.
Од друга страна, се очекува дека Партијата на демократската унија (DUP) од Северна Ирска, која однадвор пружа поддршка на Владата на Тереза Меј, би можела да ја поддржи актуелната влада на денешното гласање за доверба. Демократската унионистичка партија (DUP) претходно соопшти дека ќе ѝ даде нова шанса на Меј за нов договор со ЕУ.
Имињата што го поддржуваат Брегзит во рамките на Конзервативната партија, со која претседава Меј, исто така испраќаат сигнали дека на денешното гласање ќе ја поддржат Владата. Во тие околности, слаби се можностите за пад на Владата на Велика Британија.
- План „Б“ и нови преговори
Меј најави дека во случај да добие поддршка во Парламентот, во понеделник ќе го претстави планот „Б“. Парламентот, со одлуката што е донесена минатата недела, ја принуди Меј во рок од три дена да го изнесе својот втор план.
Пред Меј се наоѓа опција за промена на „клаузулата за мерки“, која наиде на најостри реакции во договорот кој е постигнат во преговорите со ЕУ.
Кога станува збор за мерки, едно од клучните прашања за преговорите за Брегзит е прашањето за ирската граница. Велика Британија и ЕУ се договорија дека не смеат да имаат „тврди“ граници меѓу Северна Ирска и Република Ирска, односно сеопфатен трговски договор.
Според споменатата клаузула, Велика Британија би останала во царинската унија сè додека не се воспостави сеопфатен договор, но за Северна Ирска би важеле додатни правила на ЕУ. Тоа би можело да доведе до одредени граници со Северна Ирска и нарушувања на уставната целост на Велика Британија.
- Брегзит без договор
Една од можностите која е пред Велика Британија е и Брегзит без договор. Иако ова е сценарио кое го заговараат поддржувачите на Брегзит, на него се противи големо мнозинство на Парламентот, бидејќи би можело да доведе до потполн хаос. Велика Британија поголемиот дел од стоката ја увезува од земјите на ЕУ и доколку се одлучи на Брегзит без договор тоа би можело да доведе до многу проблеми, меѓу кои се и снабдувањето со храна и лекови.
Исто така би настанале проблеми и во банкарскиот и финансискиот сектор, а долгите колони на граничните премини значајно би го отежнале животот.
Сепак, најрадикалната последица од Брегзит без договор би можела да биде повлекување физичка граница меѓу двете Ирски. Во тој случај, постои можност за повторна појава на тероризам на Ирскиот Полуостров, а прва цел би можеле да бидат граничните пунктови.
- Шкотска
Исто така, Брегзит без договор би можел да доведе до одржување нов референдум за независност на Шкотска. Еден таков референдум во Шкотска беше одржан во 2014 година, кога беше одлучено да се остане во рамките на Обединетото Кралство. Тогаш големо влијание имаше пропагандата за излез од Кралството и излез од Европската Унија. Околу 62 отсто од гласачите тогаш изразија желба да останат во Унијата.
Доколку Велика Британија се одлучи на Брегзит без договор, би можело да дојде до нови притисоци за одржување нов референдум за независност на Шкотска.
- Пролонгирање на излезот од Унијата
Велика Британија би можела да ја искористи и опцијата за пролонгирање на официјалното напуштање на ЕУ. Овој чекор, кој е можно да се преземе во договор со ЕУ, би значел пролонгирање на процесот на напуштање на Унијата, кој официјално би требало да се случи на 29 март, и да повлече нови преговори. Сепак, не постои гаранција дека долгите преговори би можеле да го решат прашањето за Северна Ирска, кое не е регулирано со преговорите кои траеја две години.
Исто така, ова пролонгирање би значело и јакнење на страната која се противи на Брегзит.
- Нов референдум
Страните кои во Велика Британија се противат на Брегзит бараат нов референдум. Оние што го заговараат одржувањето на нов референдум, тврдат дека јавноста била измамена и дека дополнително станала свесна за лагите за Брегзит изнесени пред референдумот.
На референдумот одржан на 23 јуни 2016 година во Велика Британија, 52 отсто од гласачите го поддржаа излегувањето од Европската Унија, популарно наречен Брегзит. Доколку процесот се одвива нормално, земјата би требало да ја напушти ЕУ на 29 март.