Mustafa Melih Ahıshalı
01 Октомври 2019•Ажурирај: 01 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Хусеин Феридун, братот на иранскиот претседател Хасан Рохани, осуден е на 5 години затвор, под обвинение за корупција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според новинската агенција „Фарс“, на прес-конференција одржана во главниот град Техеран, портпаролот на иранското судство, Исмаили, истакна дека Хусеин Феридун е осуден на 5 години затвор.
Во соопштението на иранското судство објавено во мај минатата година беше истакнато дека Феридун е осуден на 7 години затвор поради корупција. Во соопштението беше исто така наведено дека Феридун поднел жалба до Апелација против тоа решение.
Поранешниот дипломат Хусеин Феридун, кој бил на функција ирански амбасадор во Куала Лумпур во периодот 1989 - 1997 година, беше обвинет за „корупција, мито и неправедно назначување генерален директор на банка“ од страна на опозициските групи против претседателот Рохани. Обвинувањата честопати беа подигнати од конкурентите на Рохани, особено пред изборите за претседател во 2017 година.
Феридун беше уапсен во јули 2017 година како дел од истрагата за корупција, но наскоро беше ослободен со кауција.
Страните блиски до Рохани тврдат дека обвиненијата против Феридун се политички.
Иранскиот претседател Хасан Рохани пред Иранската исламска револуција во 1979 година го смени презимето од „Феридун“ во „Рохани“, што значи свештеник.