Oktaj Omeragikj
22 Јули 2025•Ажурирај: 23 Јули 2025
СКОПЈЕ (АА) - Хуманитарна организација им подели храна на Палестинците кои се борат да дојдат до неа бидејќи речиси ја нема поради израелската блокада на Појасот Газа и тековните напади, известува Анадолу.
Храната беше поделена во градот Газа и беше пречекана од голем број Палестинци од сите возрасти.
Рос Смит, директор на Светската програма за храна (СПХ) за подготвеност и одговор за итни случаи, за ситуацијата во Газа претходно објави:
„Кризата со глад во Газа достигна нови и зачудувачки нивоа на очај, при што третина од населението не јаде повеќе денови по ред“.
Од 2 март Израел ги затвори сите премини во Газа, при што е блокирано доставувањето храна, медицинска и хуманитарна помош.
Министерството за здравство на Газа во неделата соопшти дека од октомври 2023 година, кога Израел ја засили блокадата и го ограничи пристапот до хуманитарна помош, 86 Палестинци починале од глад и неисхранетост, меѓу кои 76 деца.