Büşra Selvi Öğütcen
14 Октомври 2021•Ажурирај: 15 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Четириесет и шест лица загинаа, додека десетици лица се повредени во пожарот кој избувна во 13-катна зграда во градот Каошиунг кој се наоѓа во јужниот дел на Тајван, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Противпожарната служба во Каошиунг, во 2:53 часот по локално време избувна пожар во 13-катна зграда во која се наоѓаат станови и канцеларии во подрачјето на Јанчинг во овој град.
По интервенцијата, противпожарните служби успеаја во 7:17 часот по локално време да го изгаснат пожарот.
Тимовите по изгаснувањето на пожарот влегоа во зградата, каде што во првата фаза пронајдоа безживотни тела на 9 лица.
Во операцијата на пребарување која траеше неколку часа, во зградата беа пронајдени уште 37 безживотни тела.
Со ова, вкупниот број на загинати во пожарот се зголеми на 46.
Десетици лица кои биле повредени во пожарот, се пренесени во болница. Неколкумина од повредените се наоѓаат во тешка состојба.
Властите нагласија дека зградата била изградена пред околу 40 години и дека многу бавно се спроведуваат работите против опасноста од рушење на зградата.
Надлежните сметаат дека пожарот избувнал на првиот кат и се проширил на целата зграда.
Продолжуваат работите за откривање на причината за избувнување на пожарот.
Постои загриженост од можноста за зголемување на бројот на жртвите во пожарот.