Ekipa
03 Октомври 2021•Ажурирај: 04 Октомври 2021
ГАЗА (АА) - Новото политичко биро на палестинската група на отпорот, Хамас, ќе се состане денес во главниот град на Египет, Каиро, соопшти претставник на Хамас, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Состанокот е прва средба на политичкото биро по завршувањето на неодамнешните внатрешни избори во групата“, изјави официјален претставник за Агенција Анадолија под услов за анонимност.
Според претставникот, лидерите на Хамас за состанокот се очекува да пристигнат во Каиро од Газа, Катар и од Турција.
„На состанокот ќе присуствуваат 19 членови на политичкото биро на Хамас“, соопшти тој.
Хамас одржа внатрешни избори за раководството во Газа, Западниот Брег и во странство во периодот помеѓу февруари и јули.
Официјалниот претставник рече дека делегација на Хамас предводена од Јахја Синвар, шефот на Хамас за Газа, денес ќе замине од Газа за Египет за да присуствува на состанокот и да одржи разговори со претставници на египетското разузнавање.
„На денешниот состанок ќе се разговара за низа внатрешни прашања на Хамас и развојот на настаните во Палестина“, рече претставникот на Хамас.
Тој додаде дека лидерите на Хамас утре ќе се состанат и со шефот на египетското разузнавање, Абас Камал, за да разговараат за бројни прашања, меѓу кои и за ситуацијата во Појасот Газа.
Во врска со разговорите досега нема коментар ниту од Хамас, ниту од египетските власти.
Вчера Хамас соопшти дека шефот на политичкото биро, Исмаил Ханије, е поканет од египетските власти да го посети Каиро за разговори за развојот на случувањата во Палестина.
Набљудувачите сметаат дека разговорите ќе се фокусираат на консолидирање на прекинот на огнот со Израел, размената на затвореници и хуманитарните услови на Газа во услови на континуираната блокада на Газа од страна на Израел од 2007 година.