Hajer M'tırı
07 Јули 2017•Ажурирај: 07 Јули 2017
ПАРИЗ (АА) - Повеќе од 2.500 мигранти и бегалци кои престојуваа во неколку импровизирани кампа на улиците на Париз, утринава беа протерани од страна на полицијата, изјавија официјални лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Најголемото расчистување се случи во областа Порт де ла Шапел, во североисточниот дел на Париз, една од главните дестинации на мигрантите и бегалците по пристигнувањето во францускиот главен град.
Париската полициска префектура во изјавата објави дека мигрантите, кои најчесто доаѓаат од Судан, Еритреја, Авганистан и други разурнати земји, ќе бидат однесени во центрите и училиштата коишто останаа достапни во текот на летото во околината на Париз и на други места во Франција.
Според официјални лица, ова е 34. евакуација што ја спроведува полицијата во Париз од 2015 година, а во неа учествуваа стотици припадници на полицијата. Хуманитарците исто така беа присутни.
По расчистувањето на кампот „Џунгла“ во октомври, Париз стана нова транзитна област за голем број мигранти и бегалци кои бараат азил.
Францускиот премиер Едуар Филип претходно во текот на оваа недела изјави дека неговата влада следната недела ќе објави мерки во врска со бегалците, илегалната имиграција и реформите во системот за азил.
„Овој реформски план особено ќе има за цел да го намали просечното време во оценувањето на барањата за азил од 14 на шест месеци“, додаде тој.