Hüseyingulu Hüseyinzade
26 Јануари 2022•Ажурирај: 27 Јануари 2022
ВАРШАВА (АА) - Властите на Полска почнаа да градат ѕид на границата со Белорусија за да го спречат влезот на мигрантите од таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Граничните сили на Полска соопштија дека започната е изградба на 186 километри долг ѕид на границата со Белорусија и дека изградбата се очекува да биде завршена до крајот на јуни.
Во соопштението се наведува дека граничните сили бележат сѐ почести нелегални обиди за влез во Полска од Белорусија и дека само од почетокот на оваа година на полската граница нелегално се обиделе да преминат повеќе од 800 лица.
Претходно полските власти истакнаа дека граничниот ѕид ќе биде висок пет и пол метри и ќе биде обложен со бодликава жица. Ѕидот ќе има вкупно 22 порти и ќе биде опремен со електронски уреди и камери за надзор.
Целта на изградбата на ѕидот е да се запре влезот на мигрантите од Белорусија во Полска и Европа.
Во ноември минатата година неколку илјади мигранти, главно од Сирија и Ирак, пристигнаа на белоруската граница со намера да преминат во Полска и понатаму во земјите во Европа.