Ekipa
03 Декември 2017•Ажурирај: 04 Декември 2017
КАИРО (АА) - Поранешниот премиер и кандидат на претстојните претседателски избори во Египет, Ахмед Шафик, е депортиран од Обединетите Арапски Емирати и доцна синоќа е пренесен во Каиро, јавува Anadolu Agency (AA).
Адвокатот Дина Адли вчера соопшти дека властите на Обединетите Арапски Емирати го уапсиле нејзиниот клиент Шафик во неговата резиденција и дека го депортирале во Египет.
Официјалните институции на Емиратите досега не се изјаснија во врска со случајот.
Извор од Меѓународниот аеродром во Каиро јавува дека Шафик го дочекале најмалку 50 приврзаници на неговата политика.
Семејството на Шафик и понатаму се наоѓа во Емиратите, а против него обвинителството поднесе тужба за предавство што се однесува на неговото појавување на катарската телевизиска мрежа „Al Jazeera“ (Ал Џезира), чие затворање го бараат Саудиска Арабија, Египет и други земји кои во месец јуни воведоа блокада на Катар.
Последниот премиер на Египет во мандатот на претседателот Хосни Мубарак, Шафик на крајот од минатиот месец најави дека ќе се кандидира на претседателските избори кои ќе се одржат во Египет следната година.
Кратко потоа, тој соопшти дека властите на Обединетите Арапски Емирати не му дозволуваат да ја напушти таа земја.
Тоа би била втора претседателска кандидатура на Шафик, бидејќи тој беше кандидат и на првите демократски избори во Египет кои се одржаа во 2012 година, а на кои победи Мухамед Морси.