Mesut Zeyrek
24 Ноември 2019•Ажурирај: 25 Ноември 2019
БРИЛ (АА) - Кристијан Вулф, поранешниот претседател на Германија, изјави дека исламот како религија е дел од Германија и нејзиното општество, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Покрај нашите вредности кои настанаа под влијание на христијанството и јудаизмот, ни припаѓа и исламот, и тој е дел од Германија. Околу 4-5 милиони муслимани кои живеат во Германија не се само поединци, туку имаат и свои верски и културни вредности, имаат свои имами, џамии, верски и културен живот, и сето тоа е нешто што ни припаѓа и нам“, рече Вулф во обраќањето на конференцијата на тема „Социјалната кохезија во плуралните општества“ одржана во германскиот град Брил.
Тој истакна дека во градовите во Германија каде што нема многу странци, ксенофобијата е на многу високо ниво, додека во регионите каде што има многу луѓе со странско потекло, речиси и да нема ксенофобија.
Напомена дека ова е можеби и најдобар пример дека во местата каде што нема големи предрасуди може да се живее во духот на братството и пријателството.
„Општествената кохезија во плуралните заедници е едно од најважните прашања за нашата иднина“, рече Вулф кој беше претседател на Германија од јуни 2010 до февруари 2012 година.
Порача дека е најважно сегашните млади генерации во Германија да дејствуваат активно, со цел да го сочуваат единството во германското општество, нагласувајќи дека секогаш треба да се има предвид дека ниеден германски граѓанин не смее да биде дискриминиран или маргинализиран поради својата религија.
„Во мојот Кабинет имавме еден министер муслиман. Во 2014 година станавме светски шампиони со фудбалери со странско потекло - Месут Озил, Кедир, Боетенг. Сигурен сум дека денес само со Франц, Ханс, Јенс, Лотар и Роберт не би ги поминале ниту квалификациите, а камоли да станеме шампиони. Кој ќе дава голови за да се пласираме понатаму? Нашата фудбалска репрезентација е јасен пример за мултинационалноста и отвореноста кон светот“, рече Вулф.