Elena Teslova
28 Декември 2024•Ажурирај: 30 Декември 2024
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин нема моментални планови за преговори за решавање на украинската криза на почетокот на јануари, јавува Анадолу.
На брифингот со новинарите во Москва, на прашањето дали моментално се во тек подготовки за контакти за преговори со Украина, Песков одговори: „Не, нема планови. Ниту за прв, втори, ниту за трети јануари“.
„Најважно е да се направат првите чекори кон мирот. Овој пат допрва треба да биде трасиран поради ставовите на режимот во Киев“, додаде тој.
Одговарајќи на наводите на американскиот советник за безбедност Џон Кирби дека авионот на „Азербејџан ерлајнс“ може да е соборен од руска противвоздушна ракета, Песков рече: „Ги видовме овие изјави. Несоодветно е претседателска администрација да го коментира ова.“
Дмитриј Јадров, директорот на Федералната агенција за воздушен сообраќај, веќе го кажа ставот на Москва, истакна Песков, додавајќи дека Русија ќе им понуди целосна помош и на Казахстан и на Азербејџан во нивните истраги околу околностите и причините за авионската несреќа.
„Оваа волја на Русија е изнесена. Го чекаме исходот од истрагата“, додаде тој.
Авионот на „Азербејџан ерлајнс“ на летот од Баку за Грозни се урна во средата во близина на Актау, Казахстан, при што загинаа 38 лица, а 29 преживеаја, од вкупно 67-те лица во авионот.
Азербејџан и Казахстан започнаа истрага, а азербејџанските власти ја припишаа несреќата на рускиот ракетен систем.
Несреќата се случи во време на активност на руската противвоздушна одбрана против украинските дронови, а во регионот беше утврдено и блокада на Џи-пи-ес.
Властите на сите засегнати земји бараат да се почекаат официјалните наоди пред да се излезе со заклучоци.