Aida Cako
11 Април 2025•Ажурирај: 14 Април 2025
СКОПЈЕ (АА) – Во седиштето на Исламската верска заедница на Северна Македонија (ИВЗ) во Скопје, реис ул-улема Шаќир еф. Фетаху свечено го пречека поглаварот на Исламската заедница на Босна и Херцеговина, реис ул-улема Хусеин еф. Кавазовиќ, кој е во посета на земјата, јавува Анадолу.
Во таа прилика двајцата потпишаа Меморандум за соработка меѓу исламските заедници на двете земји, со кој се предвидува продлабочување на меѓусебните односи во областа на верското просветлување, образованието, вакафските добра и зачувувањето на верскиот идентитет на муслиманите во двете држави.
Реисот на ИВЗ на Северна Македонија изјави дека оваа посета има големо значење за исламската заедница во земјата и за односите меѓу двете братски заедници:
„Посетата на реис ул-улема д-р Хусеин ефенди Кавазовиќ е историска за ИВЗ и многу е важна и одлучна за хармонија помеѓу двете верски заедници. Многу важна и во смисла на тоа што ние денеска потпишавме и Меморандум за соработка помеѓу двете верски заедници“, изјави Шаќир еф. Фетаху.
Тој додаде дека соработката ќе опфати разни сфери – од објаснување на изворниот ислам, до поврзување на научните и верските институции, вклучително и исламските факултети, средните училишта – медреси, библиотеките, вакафското подрачје и подигнување на свеста кај верниците.
Реис ул-улема Кавазовиќ изрази голема благодарност за гостопримството и порача:
„Ми претставува голема чест и задоволство што во име на муслиманите во Босна и Херцеговина можам да ги пренесам поздравите до нашите браќа во Северна Македонија и нашата братска заедница, предводена од реис Шаќир ефендија.“
Тој нагласи дека двете заедници делат заедничка историја, вредности и цели.
Во своето обраќање, реис ул-улема д-р Кавазовиќ нагласи дека и покрај различните уставни уредувања на двете верски заедници, потребата за соработка и заемна поддршка е уште поголема во мултиетнички и мултирелигиски општества како што се Северна Македонија и БиХ.
Тој нагласи дека е благодарен за рамноправното учество на бошњачките заедници со другите заедници во Северна Македонија во рамките на ИВЗ:
„Навистина сме среќни што во рамките на Исламската заедница, нашите бошњачки заедници во Северна Македонија рамноправно учествуваат со другите заедници, и го развиваат својот етнички, културен и верски идентитет заедно со муслиманите во Северна Македонија.“
На крајот тој им посака сѐ најдобро на своите браќа во Северна Македонија, вклучително и на сите граѓани на оваа држава, упатувајќи желби за соживот во мир и унапредување на двете земји во своето заедништво.
Како гест на заемна почит и партнерство, реис ул-улема д-р Кавазовиќ упати и официјална покана до реис ул-улема Шаќир еф. Фетаху за посета на Босна и Херцеговина и Исламската заедница таму.