Zehra Melek Çat
17 Јуни 2021•Ажурирај: 24 Јуни 2021
КОЊА
Покрај човечкиот фактор, силниот ветер е една од причините за ерозијата на почвата и претворањето на ова подрачје во единствената пустина во Турција на која паѓаат мали количества од дожд. Ерозијата на подрачејто на Карапинар, кое започна пред 70 години, зафати територија со големина од 103.000 хектари земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Карапинар, најсушната област на затворениот слив на Коња и регион со најмалку врнежи од дожд во Турција, се претвори во пустина која постојано се проширува поради движењата на дините, почнувајќи од 1950 година.
Како резултат на движењето на дините што го предизвикува ветрот, дините се издигнуваа, а земјоделските посеви беа во опасност да ја изгубат својата продуктивност.

Во проектот, кој беше започнат од турски инженери во соработка со локалното население за спас на регионот, беше заградена површина од 160.000 декари во 1959 година. Откако 30.000 декари земја им беа дадени на Турските вооружени сили, на преостанатите 130.000 декари земја првенствено беше поставена трска како завеса за да се разбие силата на ветрот. На просторот меѓу трската беше засадена трева.
Потоа се премина кон активностите за пошумување, кои се долготрајна мерка и во потполност го запираат движењето на почвата. Благодарение на спроведените активности, спречена е ерозијата предизвикана од ветрот. На тој начин беше спречено проширувањето на пустината.
Од земјиштето, 42.000 декари кои го вратија својот квалитет на почва, им беа доделени на земјоделците и претворени се во обработлива почва.
Овој регион, кој сега е зазеленет, во светот е познат како „Успех на Карапинар“.
- „Првата борба наспроти природата со човечки раце“
Џихан Узун, директорот на Институтот за истражување на почва, вода и борба против создавањето пустини, за Агенција Анадолија (АА) изјави дека борбата против создавањето пустини се спроведува на 88.000 декари земја во Центарот за борба против создавањето пустини во Карапинар.
Потсети дека областа Карапинар се наоѓа на местото на кое некогаш имало езеро, Узун рече дека во 1950-тите години имало силни песочни бури во Карапинар.
„Животот во ова подрачје станал неподнослив поради песочните бури. Голем број сообраќајќи се случувале на Автопатот Коња - Адана поради песочните бури. Обработливите земјоделски површини бурата ги прекривала со песок, така што земјоделието станало невозможно. Подрачјето Карапинар дури се соочи со опасност да биде преместено поради песочните бури. Повеќе нема живот, луѓето ги напуштија своите домови во некои висорамнини“, рече Узун.

Посочувајќи дека „првата борба наспроти природата со човечки раце“ е иницирана од страна на турското Министерство, јавните институции и локалното население, Узун рече
„Примерот на Карапинар во Коња е првата борба наспроти природата, ерозијата и песочните бури од страна на човекот во светот. Брзината на песочните бури изнесува 110 километри на час. Изработени се бариери, како некој вид завеси, за да се разбие брзината на ветрот. На површина од 130.000 хектари изложени на ерозија на ветрот, поставени се бариери како завеси наспроти ветрот, а помеѓу со садење трева и ливадски култури, создадени се природни пасишта. Потоа се премина на активностите на пошумување.“

Информирајќи дека во Карапинар годишно паѓаат од 250 до 300 милиметри врнежи, Узун рече дека при пошумувањето на регионот се избрани дрвја и грмушести растенија кои можат да се приспособат на климатските услови.
Узун изјави дека е оставено „примерок подрачје“ за да можат идните генерации да ги видат ефектите од пустината, и додаде: „Подрачјата кои поради ерозијата во минатото станаа пустини, во потполност беа претворени во песочни дини. Денес на тоа подрачје, покрај „ридот за пример“, постојат и шума и ливади, опколени со дрвја. Денес 1.500 истражувачи од различни земји годишно доаѓаат во регионот за да ја видат оваа борба со природата.“
- Приходите од земјоделство на Карапинар се 2 милијарди лири
Узун информираше дека квалитетот на почвата е подобрен и земјата им е понудена за земјоделска употреба на локалното население.
„Во моментов во Карапинар се практикува наводнувано земјоделие. Подрачјето Карапинар на Турција ѝ носи годишен приход од 2 милијарди лири (192,6 милиони евра). Тоа е подрачје што обезбедува 2 милијарди лири од производството на животни и растенија. Бидејќи во подрачјето има ветровит коридор, постојано се обидуваме да ја зазелениме областа. Треба да се создаде еколошка свест кај луѓето со цел да им ја пренесеме нашата земја и нашиот екосистем на идните генерации. На граѓаните им останува да го проведат тоа. Доколку не ја поседуваат таа свест, тогаш нема да можеме да им ја оставиме плодната земја на идните генерации.“