Tayfun Salcı
15 Јуни 2017•Ажурирај: 16 Јуни 2017
ЛОНДОН (АА) - Првата идентификувана жртва во пожарот што вчера зафати висококатница во Лондон е 23-годишниот сириски мигрант Мохамед Алхајали, јавува Anadolu Agency (AA).
Алхајали, кој студирал на Универзитетот во западен Лондон, е првата идентификувана жртва од пожарот во Лондон.
Како што велат неговите пријатели, тој дошол во Велика Британија во потрага по подобар живот.
Абдулазиз Алмаши, потпретседател на организацијата „Кампања за солидарност со Сирија“, потврди дека Мохамед Алхајали загинал во пожарот.
Во несреќата исто така е повреден и Омар Алхајали, брат на Мохамед.
Омар е во болница и неговата состојба е стабилна.
За потсетување, бројот на лицата кои загинаа во вчерашниот пожар што зафати една повеќекатница во Лондон се зголеми на 17, беше соопштено од страна на полицијата, и се додава дека бројот на жртвите најверојатно ќе продолжи да расте.
Полицискиот командант Стјуарт Кунду рече дека ништо не укажува дека пожарот на кој било начин е поврзан со тероризам.
Во тек е потрага по телата на жртвите кои загинаа во пожарот во којшто беше уништена 24-катница во западниот дел на Лондон.
Исто така, во потрагата се вклучени кучиња трагачи, но од противпожарната служба не очекуваат дека некој ќе биде пронајден жив.