Bayram Altuğ
22 Јуни 2019•Ажурирај: 22 Јуни 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Пред зградата на Обединетите нации (ОН) во Женева е одржан протест против египетските власти по повод смртта на првиот демократски избран претседател на Египет, Мухамед Морси, кој почина на 17 јуни во судница во Каиро, јавува Anadolu Agency (AA).
Голем број лица протестираа против неправдата и тиранијата, на која, како што рекоа, бил изложен Морси пред смртта.
Насобраните граѓани носеа фотографии на Морси и транспаренти на кои пишуваше „Абдел Фатах ел Сиси е убиец“ и „Не на воениот удар во Египет“.
Протестите, кои ги организираше Здружението на жртвите од тортури во Тунис, ги поддржаа голем број невладини организации, групи и здруженија.
Хани Рамадан, внукот на Хасан ал Бана, основачот на „Муслиманско братство“, за присутните изјави дека Морси починал за истите идеи и идеали како и неговиот дедо Хасан, а актуелниот претседател на Египет, Абдел Фатах ел Сиси, го нарече предавник.
Тој истакна дека сите муслимани треба да ја научат лекцијата и да извлечат порака од смртта на Морси, додавајќи дека во затворот престојувал во многу тешки и нехумани услови.
Остро ја критикуваше меѓународната заедница и медиумите поради тоа што не реагирале на смртта на Морси во судницата, напоменувајќи дека Западот има двојни стандарди во врска со демократијата на Блискиот Исток.
Ендер Демирташ, претседателот на Меѓународната алијанса за човекови права и развој, истакна дека од муслиманските земји единствено Турција го подигнала гласот по смртта на Морси.
Тој нагласи дека е многу важно да се заземе силен став против западните земји и нивните интервенции, чија цел е, како што рече, да се оневозможи вистинската демократија во исламските земји.