АНКАРА (АА) - Природните катастрофи и неповолните временски услови кои во јули ја зафатија Азија, предизвикаа смрт на повеќе од 1.000 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Монсунски дождови, поплави, свлечишта, тајфуни се само некои од природните катастрофи со кои се соочија жителите на Југоисточна, Јужна и Источна Азија.


- Индија
Министерството за внатрешни работи на Индија соопшти дека како последица на монсунските дождови, поплавите и свлечиштата, во оваа земја во јули настрадале 569 лица.
Податоците од извештајот на Централната комисија за води (CWC) објавен на 17 јули покажува дека монсунските дождови што во 91 регион од земјата започнаа во јуни, предизвикале оштетувања на 55.000 куќи, а угинаа повеќе од милион животни.
- Пакистан
Националната агенција за управување со природни катастрофи на Пакистан (NDMA) соопшти дека во земјата, во период од 40 дена, животот го загубиле 60 лица, а полавите предизвикале оштетување на 218 куќи.
- Непал
Министерството за внатрешни работи на Непал соопшти дека од 1 до 15 јули, како последица на поплавите и свлечиштата предизвикани од поројните монсунски дождови, животот го загубиле 56 лица. Поточно, од средината на април до крајот на јули, во природните катастрофи смртно настрадаа 455 лица.
Невремето оштети 3.755 куќи во земјата, а се проценува дека штетата изнесува околу 30 милиони долари.
- Кина
Обилните монсунски дождови што ја зафатија Кина во јули, во 28 подрачја предизвикаа поплави во кои животот го загубија 86 лица.
Поплавено е подрачје со површина од 2,18 милиони хектари, а оштетени се 30.000 куќи. Последиците од поплавите ги почувствуваа 23 милиони луѓе.
Освен тоа, во налетот на тајфунот „Ампил“ што го погоди североисточниот дел на земјата, на 24 јули загина едно лице.
Тајфунот во Шандунг донесе и обилни врнежи од дожд поради кои се евакуирани 134 лица, а поплавено е подрачје од 31.600 хектари.
Штетата што ја предизвика тајфунот се проценува на 17 милиони долари.
- Филипини
Манила и островот Лузон минатата недела беа зафатени од интензивни врнежи од дожд што предизвикаа поплави и свлечишта во кои животот го загубија 25 лица.
Советот за управување со ризици од природни катастрофи (NDRRMC) соопшти дека е причинета штета од 52,6 милиони долари.
Националната агенција за заштита од природни катастрофи на Филипини, на 19 јули соопшти дека поради тропската бура „Хенри“, се евакуирани 71.310 лица, а оштетувања претрпеле 152 куќи.
- Индонезија
Во земјотресот со интензитет од 6,4 степени кој кон крајот на јули го потресе индонезискиот остров Ломбок, животот го загубија 16 лица.
- Виетнам
Во налетот на тајфунот „Сон Тин“ во Виетнам загинаа 32 лица, повеќе од 5.000 домаќинства претрпеа штета, а угинаа 17.000 животни.
- Тајланд
Во свлечишта предизвикани од интензивните врнежи од дожд, во подрачјето на Бо Клуа во Тајланд смртно настрадаа 8 лица.
Појавата на свлечиште на 28 јули во местото Хуај Каб доведе до евакуација на 60 семејства.
- Мјанмар
Поројните врнежи од дожд го погодија и подрачјето на Мјанмар, а невремето предизвика смрт на 11 лица. Околу 120.000 лица беа приморани да ги напуштат своите домови и преминаа на посигурни подрачја.
- Лаос
Во подрачјето на Атапи, на југоистокот на Лаос, на 23 јули се урна браната „Кси Пиан Кси Намној“, која беше во изградба. Поплавата што беше предивикана ја почувствуваа 11.000 луѓе.
Официјалните лица истакнаа дека се поплавени бројни села од кои се извлечени 27 тела, додека други официјални лица од теренот тврдат дека животот го загубиле најмалку 30 лица.
- Јапoнија
Застрашувачки информации за настрадани од елементарни непогоди доаѓаат и од Јапонија. Локалните официјални лица тврдат дека поројните врнежи од дожд кои во првите две недели од јули го зафатија западниот дел на Јапонија, предизвикале поплави и свлечишта во кои животот го загубија 222 лица.
Исто така, оваа земја беше зафатена и од топлотен бран, а температурите на некои места изнесуваа и повеќе од 40 степени Целзиусови. Од здравствени проблеми предизвикани од екстремно високите температури на воздухот во јули, во оваа земја животот го загубија повеќе од 100 лица.