Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu,Adham Kako
11 Февруари 2020•Ажурирај: 12 Февруари 2020
ИДЛИБ / АНКАРА
Тринаесет цивили ги загубија своите животи во нападите на режимот на Башар Асад и Русија, кои продолжуваат во деескалациската зона во Идлиб, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Воените авиони кои припаѓаат на режимот на Асад, ги засилија воздушните напади врз цивилните населби во Идлиб, а од друга страна, руските авиони ги бомбардираа селата во Алепо.
Изворите на Цивилната одбрана (Бели шлемови) истакнаа дека во нападите вкупно 13 цивили ги загубиле своите животи, од кои 12 во центарот на градот Идлиб и 1 цивил во селото Кефер Теал.
Според опсерваторијата на опозицијата за набљудување на авиони, руските воени авиони ги нападнале центрите Етариб и Дарет Изе, областите Урим ал Кубра, Кефер Хамра и селото Џине, кои се наоѓаат во деескалациската зона во Идлиб.
Сѐ уште нема информации за тоа дали има загинати и повредени во руското бомбардирање.
- Последна ситуација во деескалациската зона во Идлиб
Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за 4 деескалациски зони во Идлиб и соседните провинции (Латакија, Хама и Алепо).
Но, режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Стотици илјади цивили кои избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.
Исто така, нападите продолжија извесно време и по Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година од страна на Русија и Турција.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, до овој момент, од нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија повеќе од 1.800 цивили.
Бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција и во областите ослободени од операциите „Маслинова гранка“ и „Штитот на Еуфрат“, за една година достигна 1 милион 767 илјади.