Ihvan Radoykov
20 Август 2021•Ажурирај: 21 Август 2021
СОФИЈА (АА) - Обидите на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов, да формира влада, пропаднаа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Даниел Митов, еден од поранешните министри за надворешни работи на земјата, кого партијата го предложи за премиер, го врати мандатот за формирање влада.
Митов соопшти дека партијата ГЕРБ, која ја има втората по големина група од 63 пратеници во бугарскиот Парламент со 240 пратеници, не може да најде поддршка од другите политички сили, и затоа го враќа мандатот за составување на влада.
Други сили во Парламентот го обвинуваат поранешниот премиер Борисов и неговата партија дека додека биле на власт воспоставиле авторитарно владеење и соработувале со подземјето на земјата.
Партијата Има таков народ, која освои 65 пратенички места на вонредните општи избори што се одржаа на 11 јули, не успеа да формира влада.
Според Уставот, претседателот Радев, во обидот да се формира нов кабинет, се очекува да го додели мандатот на една од четирите други политички сили во Парламентот.
Услов за формирање влада е поддршка од најмалку 121 од вкупно 240 пратеници во Парламентот.
Политичките набљудувачи, земајќи ги предвид недоразбирањата меѓу шесте политички сили во Парламентот, сметаат дека земјата во краток рок најверојатно повторно ќе одржи предвремени парламентарни избори.