Ekipa
20 Август 2021•Ажурирај: 22 Август 2021
ЛОНДОН (АА) - Шефот на британската дипломатија доцна синоќа ја пофали Турција за помошта за обезбедување на аеродромот во Кабул и рече дека британската Влада и турската Влада работат тесно за да осигураат безбедно продолжување на евакуацијата на своите граѓани, како и на авганистанските државјани, јавува Агенција Анадолија (АА).
Доминик Рааб му се заблагодари на својот турски колега Мевлут Чавушоглу за посветеноста на неговата влада во чувањето и заштитата на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во главниот град на Авганистан, Кабул, во кој викендот влегоа талибанците.
„Обединетото Кралство и Турција работат заедно во Авганистан за да осигураат евакуацијата да продолжи безбедно. Изразив благодарност до турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, за посветеноста на заштитата на аеродромот во Кабул заедно со нашите војници“, напиша Рааб на Твитер.
Офанзивата на талибанците започна во мај годинава кога американскиот претседател Џо Бајден најави целосно повлекување на американските војници. Вооружената група зазеде поголем дел од руралните подрачја, но во последната недела и пол воспостави контрола над сите поголеми гратчиња и градови во брза офанзива, која ја изненади меѓународната заедница.
Во драматичен пресврт на настаните што донесоа ефективен крај на 20-годишната војна, авганистанската војска се повлекуваше пред офанзивата на талибанците, како и Владата во Кабул под водство на поранешниот претседател Ашраф Гани, кој избега од земјата во неделата и сега се наоѓа во Обединетите Арапски Емирати.
Победата на оруженото движење во неделата предизвика хаотична евакуација на сите странски државјани, меѓу кои државјани на САД, Велика Британија и на земјите членки на НАТО во Авганистан.
Аеродромот беше преплавен и од Авганистанци, очајни да ја напуштат земјата поради порастот на неизвесноста за тоа како ќе владеат талибанците. Многу цивили загинаа обидувајќи се да избегаат од земјата држејќи се за авионите. Други починаа откако се задушија поради стампеда на терминалот за заминување.
Во средата турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги поздрави умерените изјави дадени од талибанските претставници и објави дека Турција е подготвена да соработува со сите страни за да обезбеди мир и стабилност. Ердоган рече дека присуството на турската војска во земјата ќе ја зајакне раката на новата администрација на меѓународната арена.
Турскиот претседател, исто така, најави дека турските војници ќе го штитат аеродромот во Кабул и ќе обезбедат евакуациите да продолжат на безбеден и мирен начин.