Said Amori
02 Септември 2024•Ажурирај: 04 Септември 2024
АЛ-КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Десетици илјади Израелци протестираа низ земјата во недела барајќи договор за размена на заложници со палестинските фракции во Појасот Газа, известува Анадолу.
Илјадници демонстранти се собраа во центарот на Тел Авив за да извршат притисок врз Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за постигнување договор за размена на заробеници со Хамас, објави израелскиот весник „Једиот Ахронот“.
Демонстрантите блокираа неколку улици во Ал-Кудс (Ерусалим), Хаифа, Ашдод, Рамат Негев и Кфар Тавор, објави државниот јавен сервис КАН.
Илјадници луѓе, исто така, одржаа масовен марш пред владините канцеларии во Ал-Кудс барајќи итен договор со палестинските фракции за заштита на животите на преостанатите заробеници во Газа.
Протестите се одржаа неколку часа откако израелската војска соопшти дека рано во неделата ги пронашла телата на шестмина заложници од јужниот дел на Појасот Газа.
Израелскиот дневен весник „Хаарец“, повикувајќи се на израелски извор, објави дека тројца од шесте заложници требало да бидат ослободени во првата фаза од договорот за размена на заробеници за кој моментно се преговара.
„Тие се појавија на списоците поднесени на почетокот на јули. Беше можно да се вратат живи“, рекол изворот.
Хамас соопшти дека шесте заложници биле убиени во израелските воздушни напади врз Појасот Газа.
Израел проценува дека Хамас држи повеќе од 100 заложници во Газа, а за некои се верува дека веќе се мртви.
Со месеци Соединетите Американски Држави (САД), Катар и Египет се обидуваат да постигнат договор меѓу Израел и Хамас за да обезбедат размена на затвореници и прекин на огнот и да се дозволи хуманитарната помош да влезе во Појасот Газа. Но напорите за посредување се заглавени поради одбивањето на Нетанјаху да ги исполни барањата на Хамас за прекин на војната.
Израел ги продолжува своите брутални напади со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа од 7 октомври минатата година и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итен прекин на огнот.
Во израелските напади досега се убиени речиси 40.700 Палестинци.