Elena Trenchevska Chekovic
14 Септември 2025•Ажурирај: 15 Септември 2025
СКОПЈЕ (АА) - Протестите во Непал ја нарушија прекуграничната трговија, што доведе до долги редици на камиони блокирани на границата Сонаули, со Индија, клучна транзитна точка меѓу двете земји, јавува Анадолу.
На граничниот премин Сонаули во округот Махараџганџ во Утар Прадеш, повеќе од 200 индиски возачи на камиони остануваат заглавени поради немирите на непалска страна.
Редица камиони долга 8 километри се формира на границата, каде возачите изразија стравувања за безбедноста и можни напади.
Властите изјавија дека прекуграничниот сообраќај ќе остане оперативен под строги контроли додека не се подобрат безбедносните услови.
Во Непал, претседателот Рамчандра Пудел го распушти Парламентот во петокот, кратко откако ја именуваше поранешната врховна судијка Сушила Карки (73) за привремен премиер, по деновите протести на „Генерацијата З“ предводени од младите, кои ја соборија владата на КП Шарма Оли.
Распуштањето на Парламентот беше главно барање од страна на водачите на протестите.
Најмалку 51 лице загинаа, а многу други се повредени во масовните протести оваа недела предизвикани од забраната на платформите на социјални медиуми. Протестите еволуираа во пошироко движење против наводната корупција и непотизам меѓу политичката елита, при што демонстрантите ги таргетираа домовите на функционерите, Врховниот суд и други јавни згради.