Riyaz Khaliq Khaliq
21 Септември 2026•Ажурирано: 21 Септември 2026
Кинескиот претседател Си Ѓингпинг оваа недела ќе престојува во државна посета на САД, соопшти денес Пекинг, додавајќи дека кинескиот и американскиот лидер ќе разменат мислења за светскиот мир во услови на војната во Иран, јавува Анадолу.
„На покана на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Џ. Трамп, претседателот Си Ѓинпинг ќе престојува во државна посета на САД од 23 до 25 септември“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Ова ќе биде прва државна посета на Си на САД од септември 2015 година, кога тој ја посети земјата на покана на тогашниот претседател Барак Обама.
Подоцна, Си се сретна со Трамп за време на неговиот прв мандат во 2017 година.
Тој ги посети САД и во 2023 година, кога се сретна со тогашниот претседател Џо Бајден на маргините на самитот на лидерите на Азиско-пацифичката економска соработка, но посетата не беше на ниво на државна посета.
Претстојната посета, која ќе се одржи од среда до петок, следува откако Трамп во мај престојуваше во државна посета на Кина.
„Размената на посети на двајцата претседатели во период од половина година ќе претставува пресвртница од историско значење“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Гуо Џиакун, пред новинарите во Пекинг.
Си „ќе има продлабочена размена на мислења со претседателот Трамп за големите прашања поврзани со билатералните односи и светскиот мир и развој“, рече Гуо.
Си петпати ги посетил САД откако стана претседател во 2013 година.
„Дипломатијата на ниво на шефови на држави има незаменлива улога во обезбедувањето стратегиско насочување на кинеско-американските односи. Кина ќе работи со САД на збогатување на димензиите на кинеско-американските конструктивни односи на стратегиска стабилност, зајакнување на дијалогот и соработката, соодветно управување со разликите и дополнителен придонес кон светскиот мир, стабилност и просперитет“, рече Гуо.
Се очекува Трамп да го пречека Си на пистата во воздухопловната база „Ендрјус“ во Мериленд, во близина на Вашингтон, објавија американските медиуми.
Се очекува кинескиот претседател да биде придружуван од врвни раководители, меѓу кои и претставници на производителот на електрични возила „БИД“ и гигантот во областа на паметното производство „Шаоми“.